16 НАГРАДИ НА ТРЕТОТО ИЗДАНИЕ НА ПАРАТИСИМА СКОПЈЕ

На крајот од третото издание на Интернационалниот саем на современа уметност – Паратисима Скопје, беа доделени вкупно 16 награди. Десет од наградите беа доделени од Паратисима Скопје, согласно селекцијата на овогодишното жири кое се состоеше од: Сафет Ахмети – историчар на уметност, Иван Блажев – фотограф и уметнички директор и Мартин Гулески – архитект.

Global Village Artists Network ја награди Марија Хименез Херера од Колумбија со можност за учество во мреѓународните изложби на нивната мрежа кои во 2018 година ќе се одржат во Германија и Данска.

Една дополнителна награда во селекција на жирито беше доделена од страна на асоцијацијата за поддршка на македонската култура во Италија – „Камен и мост“ додека четири на четири дополнителни автори им беше доделена независна изложба од страна на Флукс Галерија и Кафе бар галерија Концепт  37, двете од Скопје.

Подолу, можете да ги најдете имињата на селектираните автори, дополнети со кратко објаснување од страна на жирито.

1. Со проектот Темплум Етернум, Христина Секулоска и Ирена Милојеска преку чиста и прецизна форма отворена за толкување ја негираат навидум исто таквата (чиста и прецизна) општествена парцелизираност и поделба на места за живеење, територии, но и пошироки гео-стратеши поделби.

2. Асја Муча на изразито скулпторален начин му придава поинаква естетска, но и мисловна димензија на една од основните потреби и проблеми на секојдневието – осветлувањето.

3. Андријана Андреева во рамките на класичен сликарски медиум, демонстрира потенцијал за продлабочено истражување на илустрацијата и дизајнот.

4. Лука Гроси со вкрстување на разновидни визуелни ракописи низ меланхолична призма отвора секогаш отворени прашања за нашата непостојаност и несигурност.

5. Ања Илиева преку различни техники на фотографскиот медиум се обидува да апелира кон подигање на свеста за последиците и следствените трансформации на телото, особено на млади личности, заболено од една од најчестите болести на денешнината – туморот.

6. Ерика Витале, користејќи аналогни фотографски техники испреплетени со текстуални пораки успева на експресивен начин да ги прикаже постојаните трансформации на кои сме постојано изложени како резултат на силно изразените социјални и општествени разлики.

7. Суџин Хонг, користејќи архитектонски елементи и различни перспективи искажани преку јасни и прецизни линеарни конструкции, комбинирани со други видови на материјали успева да искреира нови и поинакви врски и релации помеѓу елементарното и духовното.

8. Том Хјус успева на недвосмислен начин да ја долови нелагодноста од човековото присуството на непознати локации.

9. Ханис Багашов обработува добро позната антрополошко-социолошка тема, но остава впечаток неговиот прочистен израз во користењето на филмскиот јазик и симболичката заокруженост на нарацијата.

10. Истражувачкиот колектив „Камра“ нуди селекција на документарни филмови, кои се тематски различни, но обработуваат актуелни теми, визуелно искажани низ етнографско-истражувачки наратив со моќна и јасна порака.

Награда Понте ди Пјетра: Викторија Попоска, владеејќи ги вообичаените сликарски техники на цртеж и акрил, успева различните стилски определби присутни низ 20-от век да ги надоврзе на современите теми и проблематики, кои не само што се сеуште актуелни туку се и дополнително изразени.

Награда Global Village Artists Network 

Марија Хименез Херера од Колумбија беше наградена од страна на Global Village Artists Network мрежата со учество во меѓународната мрежа на изложби која во 2018 година ќе се одржи во Германија и Данска.

Флукс галерија, Скопје: 

  • Христина Секулоска и Ирена Милојеска
  • Тамара Забазноска

Кафе бар галерија Концепт 37:

  • Марија КонескаMarija Koneska
  • Елизабета Линднер Костадиновска